Многу пати до сега имам помислено дека кога и да е, ќе ми побарате да напишам нешто вакво. Е па вака, ќе се обидам мојата приказна со Каста Дива да ја прикажам на еден многу сликовит начин. Доколку на Шпанија ѝ дадам карактеристика на човек, а тоа да биде личност од посилниот пол, тогаш Шпанија би била мој сопруг, а Каста Дива – нашата стројничка. Сè започна во 2004 година при мојата прва посета на Шпанија. Се случи љубов на прв поглед. Веднаш по моето враќање во Скопје, без да размислувам многу се запишав на курсот по шпански јазик во Каста Дива (стројникот нели?), каде ме пречека секогаш позитивната Сани (Александра Николоска) која ја постави основата на моите познавања на овој јазик. Подоцна следеа часовите со Ирена Авировиќ и Бегоња, за на крај циклусот на 6 годишното учење мајсторски да го заокружи Јасмина Никуљска, по што се здобив со Меѓународната диплома за познавање на шпански јазик ДЕЛЕ (Ц2). Ненад не го споменав во претходниот пасус бидејки тој никогаш не ми беше учител, но одигра многу битна улога во мојот професионален живот, бидејки токму тој ми ги отвори вратите кон она што отсекогаш сакав да го работам - проектите за меѓународна соработка со Шпанија. (ете ви повторно стројничка улога). Зад себе имам еден ваков успешно завршен проект, сега го завршувам и вториот, а во меѓувреме не би смеела да не го споменам богатото работно искуство што го стекнав за време на работењето во Амбасадата на Кралството Шпанија и положувањето на испитот за судски преведувач од шпански на македонски јазик и обратно. Сега после толку години можам да кажам дека сум и искрено благодарна на Каста Дива за професионалноста во вршењето на стројничката задача, бидејќи благодарение на неа научив еден многу убав и многу богат јазик, засакав еден народ со многу богата култура и традиција, вкусив една превкусна кујна... И си заљубив една земја во која решив да го продолжам моето образование.

Ана Додевска