Кога ќе се спојат идеи и соништа се добива еден микрокосмос кој нуди закрила на други сонувачи. Така се создаде идејата за КАСТА ДИВА и така почнавме да градиме еден нов свет во кој се посветивме на остварувањето на нашите и на соништата на другите. Почнавме со помислата дека ќе станеме дел од урбаниот живот на градот и дека ќе понудиме една поинаква надоградба на знаењата, секогаш посветени на сонот и на нашите цели. Создадовме препознатливо име кое е нераздвоиво од модерниот живот на градот.
Живеењето во едно модерно општество изискува модерни гледишта. Во сите години постоење поддржуваме различности и се бориме за еднаквости во секој сегмент од животот. Познавањето јазици за нас значи непознавање граници, непризнавање дискриминација и космополитски пристап во односот со другите.
Да го задржиме човечкиот фактор во времето на технолошката ера при изучување јазик е голем предизвик, но и наша цел. Вредностите на односот лице в лице со секој еден се непроценливи и неуништливи. Хуманоста е едно од начелата за кои се бориме и за таа цел постојано правиме донации и организираме хуманитарни настани, а секоја година студиото стипендира по еден или двајца ученици на кои им е потребно тоа. Покрај ова, од 2011 година, под наше покровителство, ја доделуваме и посебната стипендија „Марко Кабранов“.
Повторно сме со вас, обновени и осмилени за новите предизвици. Оваа година ќе биде почеток на една нова ера. Нашето ново училиште ги задоволува сите критериуми на модерен центар за учење, следејќи ги препораките за безбедно одржување на часовите. Секогаш се трудиме студиото да биде дом за сите наши слушатели, а секој час посебно доживување и отворање нов прозорец во светот на јазиците и животот воопшто. Ќе се обидеме и во иднина да понудиме најмногу што можеме за да ги задоволиме вкусовите на сите вас што ќе решите да бидете дел од нашата каста. Добре дојдовте во нашиот шарен свет.
Раѓањето на единствениот современ и специјализиран центар за шпански јазик се случи во септември 1998 година. Првичната особеност на студиото беше изучувањето јазици неопфатени дотогаш, па така, почнувајќи со шпански, италијански, турски и француски јазик, во текот на годините ги додадовме и германскиот, грчкиот, рускиот и португалскиот. Во нашето растење, неизбежно беше да пораснеме во специјализирано студио за шпански јазик, поткрепени и од нашата ангажираност како испитен центар на Институтот Сервантес.
Низ годините се менувавме, еволуиравме, се надградувавме, се модернизиравме и приспособувавме на современите текови, но секогаш останавме верни на нашата првична идеја - да бидеме семејство и да негуваме различности.
Започна еден сон, со цел да ги оствари соништата на другите
На семејството му се приклучи и новиот член, нашата издавачка куќа
Го продолжуваме нашиот сон во нови простории, подготвени за уште многу успеси заедно со вас